Во Изборниот штаб на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ беше склучена коалиција за вториот круг од локалните избори со Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, потенцираше дека ова претставува почеток на една плодна политичка соработка.
Ние ја бараме поддршката од сите граѓани, без разлика на нивниот политички предзнак. Веруваме и убедени сме дека во вториот круг ќе издвојуваме уште поголема победа.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам и на сите мои против кандидати коишто многу конструктивно во првиот изборен круг ја водеа својата кампања. И да ја поздравам и поддршката на оваа иницијатива на Беким Салиу. Воедно, сето она што беше изнесено од страна на нашите претставници на шефовите на штабови, во иднина ќе направиме се за да го испочитуваме и одржиме.
Се работи за еден политички субјект и концепт којшто сака во иднина да делува исклучиво од граѓаните и за граѓаните. Ние ќе се водиме по принципот на унапредување на можностите и правата на сите граѓани. Куманово има простор за работа на сите полиња. Повеќе од јасно е дека на Куманово му недостасуваат многу проекти. Во идниот период, во нашето делување ќе се обидеме да решиме што поголем проблем на сите наши граѓани, притоа не правејќи никаква разлика по етничка, верска или било каква друга припадност.
Тоа е порака повеќе за оние граѓани кои не ни дадоа поддршка во првиот круг, да се обидеме да се здобиеме со нивната поддршка, бидејќи концептот „За наше Куманово“ е од кумановчани за кумановчани – порача Димитриевски.
Шефот на изборниот штаб од оваа иницијатива, Даниел Стојчевски, истакна дека поддршката секојдневно расте.
Тоа што особено ме радува мене, но и целиот наш тим е се поголемиот број на граѓани кои не поддржуваат на овие локални избори. Во следниот мандат ќе продолжиме да работиме за сите граѓани подеднакво, без поделби. Како и досега ќе работиме за секој еден кумановец без разлика на неговата етничка, партиска, верска или каква било друга различност. Куманово е на сите, и на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи и сите други етникуми. И токму затоа, нашиот фокус како граѓанска иницијатива се токму граѓаните. Да го подобриме валитетот на животот и да ја унапредиме општината.
Ве повикувам, во недела, на 31 октомври излезете масовно и дадете ни ја довербата, гласајте за нашиот независен кандидат Максим Димитриевски. Ветуваме дека ќе продолжиме да работиме домаќински, чесно и одговорно, затоа што вие граѓаните тоа го заслужувате. Во недела, ајде заеднички да издвојуваме голема победа! За наше Куманово! – потенцираше Стојчевски.