Лидерот на ЗНАМ вели дека не смее да има отстапки за националните прашања
Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, оцени дека државата треба да продолжи кон Европската Унија, но без, како што рече, нарушување на македонскиот идентитет и историскиот континуитет. Во гостување на Сител ТВ, тој упати критики кон СДСМ и нивниот став за уставните измени.
„Таа агенда започна со политиките на Заев, со она фамозно интервју на БГНЕС, каде што не изедначи и во јазикот и во нацијата. Дополнително следуваше изјавата на поранешниот претседател на државата Пендаровски, кој што рече дека Гоце Делчев е Бугарин, и на тоа следуваше потпишување на фамозниот француски договор и целосна капитулација на нашата дипломатија предводена од Ковачевски, за да денеска го гледате истиот Венко Филипче кој што во континуитет инсистира на уставни измени, а сето тоа го потврдува на крајот и неговиот член на централниот одбор, Рубин Земун, кој што вели дека Гоце Делчев нема никаква улога во историјата на Македонија и го минимизира ликот и делото на еден од нашите најголеми револуционери во нашата понова историја”, посочи Димитриевски.
СДСМ работи за туѓи интереси
Димитриевски рече дека актуелното раководство на СДСМ, според него, продолжува со политика што не е во интерес на државата.
„Со право можам да кажам дека Социјалдемократскиот сојуз, некогашната државотворна партија, денеска во континуитет осум години наназад е предводен од крајно бугарофилско раководство кое работи за туѓи, а не за македонски интереси“, истакна Димитриевски.
Тој повтори дека ЗНАМ останува на ставот дека европската интеграција треба да се одвива без негирање на националниот идентитет.
„Нашата цел е да го сочуваме она што е декларирано во АСНОМ и темелено врз Крушевскиот манифест. Ние можеме да бидеме дел од Европската Унија само како Македонци, а не со негирање на сопствениот идентитет“, порача претседателот на ЗНАМ.
На крајот додаде дека декларацијата на партијата за националните прашања останува отворена за поддршка од сите политички субјекти.
