Шпанскиот клуб ја активираше клаузулата за продолжување на договорот

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и официјално ќе остане дел од Валенсија до летото 2028 година, откако клубот ја искористи можноста за продолжување на неговиот договор за уште две сезони.

Шпанскиот прволигаш попладнево ја потврди одлуката, наградувајќи го Димитриевски по неговите настапи во изминатата сезона.

Триесетидвегодишниот чувар на мрежата пристигна во Валенсија во 2024 година. Иако во почетокот имаше улога на резервен голман, во вториот дел од минатата сезона успеа да се избори за место во стартниот состав. Во Ла Лига и Купот на Шпанија забележа вкупно 33 настапи.

Од Валенсија истакнаа дека неговите партии биле значаен фактор за подобрувањето на резултатите на тимот.

„Неговото искуство и цврстина меѓу стативите придонесоа за конкурентскиот раст на тимот и подобрените резултати во втората половина од минатата сезона, одржувајќи пет натпревари без примен гол, што резултираше со пет победи (Хетафе, Леванте, Осасуна, Севиља и Атлетик Клуб)“, се наведува во клупското соопштение.

Среќен сум што останувам во еден од најголемите клубови во Шпанија

Димитриевски кариерата ја започна во Работнички, а потоа се пресели во Шпанија каде настапуваше за Гранада, Кадиз, Гимнастик и Рајо Ваљекано, пред да го облече дресот на Валенсија.

По потврдата за продолжувањето на договорот, македонскиот голман не го криеше задоволството.

„Отсекогаш велев дека сакам да играм за голем клуб кога пристигнав во Шпанија, а Валенсија е еден од најголемите. Многу сум среќен и воодушевен што продолжувам“, изјави Димитриевски за клупскиот сајт.