Новите жители најголем дел од времето го поминуваат покрај својата мајка

Зоолошката градина во Скопје доби нови жители. Во живеалиштето на белите волци се родија две мали волчиња, кои деновиве привлекуваат големо внимание кај вработените и посетителите.

Од ЗОО Скопје информираа дека младенчињата сè уште се многу мали и најголем дел од времето го поминуваат во близина на својата мајка, која постојано се грижи за нив.

„Кај нашите бели волци пристигна подмладок, две мали волчиња кои веќе ја освојуваат љубопитноста на целиот тим. Сè уште се нежни и најсигурни покрај својата мајка, која внимателно ги чува и се грижи за нив“, соопштија од ЗОО Скопје.

Во објавата посочуваат дека однесувањето на младенчињата е сосема природно и карактеристично за волците во нивните први денови од животот.

„Нашите мали волчиња најчесто се кријат во дупки и засолништа, токму како што тоа природно го прават и во дивината, каде што првите денови ги поминуваат скриени и заштитени. Затоа и овие фотографии се направени во ретки моменти кога тие излегуваат надвор, љубопитно го истражуваат просторот и веднаш повторно се враќаат во сигурноста покрај мајката“, наведуваат од ЗОО Скопје.

Од таму додаваат дека фотографиите се направени во моменти кога малите волчиња накратко излегле од своите засолништа за да ја истражуваат околината, пред повторно да се вратат покрај мајката.