Премиерот Зоран Заев смета дека земјава ги исполни сите услови за членство во ЕУ и оцени дека изгледите за тргање на блокадата на Софија ќе се зголемат по изборите. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, нагласи дека за европското досие на Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека суштината на спорот меѓу Скопје и Софија нема ништо со процесот на евроинтеграција, туку се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, како што е правото на самоопределување на земјата. Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, истакна дека основна цел на САД е да ја видат Македонија целосно интегрирана во Европската Унија и оти цела работа од нивна страна е во насока на поддршка на тој процес.

Премиерот Заев смета дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите.

– И во Бугарија и во Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение, изјави тој на Самитот.

Решението меѓу Македонија и Бугарија, нагласи Заев, ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во Црна Гора, Косово или било каде, има влијание врз сите други. – Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение, изјави Заев.

Одговарајќи на прашање од регионалната директорка на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање.

– Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо, изјави Заев.

Димитров, од своја страна, на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“ во рамки на Самитот, рече дека ЕУ е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот.

– Во однос на Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес, посочи Димитров.

Министерот Османи од своја страна, на панелот во рамки на Самитот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и безбедноста во кревка глобална средина”, истакна дека суштината на спорот меѓу Македонија и Бугарија нема ништо со процесот на евроинтеграција.

– ЕУ е систем кој што прифаќа разновидност и мултиперспективност. Нема ништо со исполнување на политичките и економските критериуми од Копенхаген. Се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, прашања на земјата како јазикот е право што произлегува од правото на самоопределување на земјата, истакна Османи.

Тој додаде дека постојат повеќе патеки на кои што се работи во однос на надминување на спорот. Билатералната во рамки на која се работи на спроведување на Договорот за доброседство, и европскиот пат и позицијата на прашањето во процесот за интеграција во ЕУ при тоа го повтори ставот дека билатералните прашања не треба да бидат дел од процесот на проширување.

Османи во меѓувреме, синоќа во интервју за Канал 5 рече дека за сите шест точки од билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија, произлезени од самиот во Брдо, постои простор за изнаоѓање на решение и навистина би било жално ако ја пропуштиме оваа шанса.