Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски порача дека билатералните спорови не смеат да претставуваат пречка за европските интеграции. Тој учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите во рамки на Берлинскиот процес во Пржно, Црна Гора. На средбата беше истакнато дека кредибилната европска перспектива е главен предуслов за регионалната безбедност.

Димитровски нагласи дека стабилноста на целиот регион не претставува само локална потреба, туку неопходност за зачувување на европскиот поредок. Во услови на засилени надворешни влијанија и геополитички превирања, отворениот дијалог меѓу соседите останува клучен механизам за одржување на мирот.

Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – дијалог за иднината, а не за историјата. Во процесот на пристапување кон ЕУ треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го трансформираме идентитетот и да го менуваме историскиот наратив, вели Зоран Димитровски.

Заменик-министерот ја подвлече и фундаменталната улога на Берлинскиот процес во олеснувањето на слободното движење на луѓе и стоки. Тој заклучи дека забрзаното економско поврзување е најдобар начин за достигнување на високите стандарди на Европската Унија.