„Како држава се карактеризираме дека имаме најмал економски раст споредбено со земјите во регионот. Буквално доживуваме едно големо фијаско во делот на странските инвестиции, па можам да кажам и слободно и во домашните инвестиции. Во однос на тоа можам да кажам дека сме сведоци дека на 31 мај завршија антикризните мерки, кои пред се однесуваа за намалување на ДДВ-то во однос на основните прехранбени производи и горивата. Но, гледаме дека се уште нема нови антикризни мерки, а секоја сериозна и одговорна Влада навремено реагира, освен оваа нашава која што за жал дозволи нов ценовен шок. Нов ценовен шок кој исклучиво влијае на намалување на животниот стандард на граѓаните“, истакна Гоце Димоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар на денешната трибина насловена „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.

Димоски додаде дека негов главен заклучок околу проектираниот ребаланс на буџет дека истиот не е креиран целосно да ги поддржи главните приоритети.

„Главните приоритети се сигурност на храна, енергетската стабилност, одржливиот раст на економијата и фискалната одржливост. Во предлог ребаланс на Буџет како што се гледа не е соодветен да помогне и да ги промени економските состојби во Македонија кон подобро. Сакам да ја потсетам македонската јавност за една изјава дадена од страна на актуелниот премиер на Владата на Република Македонија, таа изјава е дадена во месец декември 2021 година за една национална телевизија каде што истиот јасно и децидно кажа дека државата нема да дозволи ценовен шок. А, сега сме јуни 2022 година, шест месеци после таа изјава и ние можеме слободно да констатираме дека државата и тоа како доживеа нов ценовен шок“, потсети Димоски.

Димоски укажа дека ценовниот шок уште еднаш покажа и докажа дека оваа власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз пред се е неспособна за да се справи со сите предизвици во економијата.

„Тој ценовен шок пред се се однесуваше на покачената цена на основните прехранбени производи, покачената цена на горивата, и сега го очекуваме она најавено високо покачување на електричната енергија. Жално е што на крај на денот цехот го плаќаат граѓаните на Република Македонија. Така да имаме ситуација каде што во минатото она што се можело да се купи со една плата, за жал сега не може да се купи“, појасни Димоски.

Димоски укажа направил својата анализа во однос на просечна нето плата во однос на актуелните цени на горивата во земјите во регионот. Целта на таа анализа беше да се утврди и спореди куповната моќ на населението во однос на актуелните цени на горивата во секоја земја поединечно. Македонија и покрај тоа што за одредени економски параметри е на дното во однос со другите земји во регионот исто така и во однос со просечната плата е на дното. Македонија има најниска просечна нето плата. Во Македонија со една просечна плата може да се купи 279 литри бензин, а во Србија околу 360 литри бензин, додека во Црна Гора со една просечна плата може да се купи 419 литри бензин. Во Хрватска со просечна плата може да се купи 498 литри бензин, а во Словенија 624 литри бензин. Додека пак во Босна и Херцеговина со една просечна плата може да се купи 362 литри бензин. Со оваа анализа може да се констатира дека само во Македонија со една просечна плата може да се купи најмалку литри бензин.