Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев е во притвор од 30 дена и против него е отворена истрага за примање поткуп. Според обвинителството, тој барал 100.000 евра за да одобри увоз на стока што била задржана на граница.
Основниот кривичен суд му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека осомничениот во периодот од 5 март до вчера, како службено лице, директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што морало да го изврши.
„Како резултат на кратка предистражна постапка и успешно реализирана акција што вчеравечер под координација на јавен обвинител од ОЈО ГОКК ја спроведе Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице. Врз основа на досега обезбедените докази и поднесената кривична пријава на лицето му се става на товар дека сторило кривично дело Примање поткуп. Осомничениот, во период од 5 март до вчера, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши, вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на правно лице, иако истата многупати претходно била увезувана. Како оправдание на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи“, соопшти ОЈО ГОКК.
Според обвинителството, поради ваквите притисоци стоката со денови била задржана на граничен премин. Откако увозникот побарал објаснување за забраната, осомничениот започнал да бара поткуп.
„На 13.3.2026 година бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена до вчера, а останатите две рати во следните денови. Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот кој требало да биде посредник при исплата на ратите, шпедитерот вчеравечер се сретнал со осомничениот и извршиле примопредавање на паричните средства, по што осомничениот е лишен од слобода од страна на полициски службеници“, соопшти Обвинителството.
Тој бил уапсен вчера во моментот кога ја примал првата рата од 50.000 евра.
Од Обвинителството додаваат дека обезбедените докази укажуваат на основаност на предлогот за притвор, кој бил прифатен од судот.
