По неколкуте протести и средби со министерот за здравство, во инсулинските аптеки се дистрибуирани апаратчиња за мерење шеќер и ленти, но не во доволен број и без несесер, кутија, без „пенкала“ и со задоцнување од девет месеци.
Иако министерот Фатмир Меџити најави дека уште во август дијабетичарите ќе ги добијат апаратчињата и лентите кои има се потребни, а кои последниот период ги немаше, сепак бесплатните додатоци можат од вчера да ги подигнат од инсулинските аптеки.
Дијабетичарите имаат право еднаш на шест месеци или до две години, во зависност од типот на болеста, да добијат бесплатни апаратчиња за мереше шеќер во крвта, ленти и ланцети.
Она што ги изненади дијабетичарите е пакувањето, па така место во кутија, апаратчињата ги добија во пластично ќесенце, а лентите се спакувани во кутија. Но, недостигаат „пенкалата“ за една употреба.
„Ма јас ќе излезам на ТВ да си ја барам кутијата, ланцетата и несесерот… украдени ми се “, коментира еден дијабетичар.
Друг му одговара:
„Не се буни, батерии имаш“.
Дополнително, споделуваат информации дека во инсулинската аптека во поликлиниката „Јане Сандански“, веќе ги нема вчера доставените апаратчиња и ленти за дијабетес тип 1, додека во „Букурешт“ ленти има, а апаратче само едно.
Дијабетичарите забележаа дека производител на овие апаратчиња и ленти, за жал, е истиот, од кој претходно им се делеле, па на шега коментираат „ист бренд по стар модел“.
Иако министерот за здравство Фатмир Меџити пред повеќе од еден месец вети дека во најскоро време ќе биде исполнети барањата на дијабетичарите, тие се уште се соочуваат со сериозен недостиг на ленти, игли и сензори за деца и апарати за мерење шеќер во крвта.
И по девет месеци лицата со дијабетес, чиј вкупен број на евидентирани случаи, според последниот извештај на Институтот за јавно здравје во државата е 135.690, а само минатата година во Македонија биле новодијагностицирани 7.460 пациенти, не ја добија ветената антидијабетска терапија, игли, ленти, глукомери.
Минатиот месец, преку нивниот Сојуз испратија протесно писмо до Министерството за здравство и рекоа дека нема повеќе да протестираат, туку борбата ќе ја водат правно, по што конечно, во понеделникот поднесоа претставка за работа на Министерството за здравство, откако во законскиот рок не добиле одговор зошто девет месеци немаат глукомери, ленти за мерење на шеќерот во крвта. Сојузот на здруженија на дијабетичари (СЗД) претставката ја доставил до Народниот правобранител Насер Зибери.