Млад жител на скопскиот регион заврши во полициска станица откако со своето возило удрил полициски службеник при контрола, се дал во бегство и на крајот предизвикал сообраќајна несреќа. Инцидентот се случил на подрачјето на Гази Баба во текот на ноќните часови.
Случајот започнал десет минути по полноќ кога полициски службеници од СВР Скопје сопреле автомобил управуван од дваесет и тригодишниот Т.А., при што во внатрешноста на возилото била откриена марихуана.
Веднаш по пронаоѓањето на дрогата, возачот го стартувал возилото, удрил еден од полициските службеници и со голема брзина се дал во бегство по стариот локален пат кој води од населбата Хиподром кон населбата Илинден.
При обидот за бегство, кај месноста позната како Пуста кула, тој со возилото удрил во паркиран автомобил марка „пежо“ со скопски регистарски ознаки, кое од силината на ударот се придвижило и завршило во дворна ограда, по што полицијата го опколила и го лишила од слобода.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на настанот против осомничениот возач ќе биде поднесен соодветен поднесок.
