Дојран го пречекува продолжениот илинденски викенд со засилен туристички бран, голема раздвиженост на граничните премини и сè поголем број посетители во градот. Уште од раните утрински часови беа забележани колони возила на граничните премини „Дојран“ и „Богородица“, додека плажите, шеталиштето и угостителските објекти постепено се исполнуваат со домашни и странски гости.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатите 24 часа преку граничниот премин „Богородица“ излегле 11.905 лица, а приближно ист број патници влегле во државата. На граничниот премин „Дојран“ државата ја напуштиле околу 3.000 лица, додека влегле околу 2.300.
„На граничниот премин „Богородица” од вчера од 12 часот до денес во истото време влез во државата оствариле 1.910 македонски државјани, а излез оствариле 6.884 граѓани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 8.863, а ја напуштиле нашата држава 5.021 лице. Додека на граничниот премин „Дојран” во истиот временски период влез во државата оствариле 461, а излез – 2.074 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани, во истиот период влез во нашата држава оствариле 1.847, а ја напуштиле нашата држава 995 лица“, информираат од МВР.
Во текот на денот зголемена раздвиженост беше забележана и во центарот на Дојран, долж шеталиштето и на плажите покрај езерото. Според локалните жители и сопствениците на викендички, туристичкото место забрзано се исполнува со посетители, а најголемиот прилив на гости се очекува утре, кога се одбележува 2 Август – Илинден.
„Доаѓаме секоја година, овде ни се допаѓа, остануваме по неколку дена на враќање од Грција. Храната е одлична, има неколку места кои редовно ги посетуваме, мирно е и воздухот е чист, се што ни треба за добар одмор“, вели Тамара од Нови Сад, која со своето семејство неколку години по ред го посетува Дојран.
Покрај чествувањето на Илинден, во Дојран утре ќе биде одбележан и празникот на заштитникот на градот, Светиот пророк Илија. Во храмот посветен на светецот ќе се служи света литургија со почеток во 8 часот. Црквата „Свети пророк Илија“, изградена во 19 век, е една од најголемите во регионот и може да прими околу 600 верници.
