Ќе го искористиме моментот или ќе чекаме притисокот на ситуацијата да нѐ искористи нас.

Во оваа насока министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска порача дека уставните измени се неопходни за влегување во последната фаза пред членство во Европската унија. Според него, ако го пропуштиме овој момент, можно е да мораме да ги направиме истите уставни измени по 10 или 15 години „откако уште половина милион граѓани ќе отиде од државата и ќе се изгуби надежта за европска перспектива“, рече Османи за време на прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи Хуан Мануел Албарез кој е во Скопје.

Османи тоа го спореди со прашањето со името, и праша дали ќе дозволиме таа ситуација да се случи уште еднаш. „Ако ја пропуштиме шансата и влеземе во состојба на изолација ние нема да може да се вклучиме на брзата патека, туку ќе чекаме да созрее идејата и после декада и повеќе да седнеме и да ги направиме истите уставни измени, а при тоа да се изгубат многу години заради политичари на кои им е важно како ќе поминат на следните избори и воопшто не им е важен интересот на граѓаните и на државата“, посочи Османи.

Околу дилемите што некои почнаа да ги поставуваат во последно време како би биле запишани Бугарите во уставот, Османи рече дека тоа ќе биде како и за сите други – како дел од бугарскиот народ и никако поинаку.

Шпанскиот министер за надворешни работи Албарез дојде во Скопје, на почетокот на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан, за да го пренесе уверувањето на Мадрид дека пристапувањето на регионот во ЕУ е важен момент во плановите на неговата влада. И дека ќе биде на врвот на агендата на Шпанија кога во јули ќе го преземе претседателството со ЕУ.

„Минаа многу години пред министер за надворешни работи од Шпанија да дојде во овој регион. Ние сакаме да ја зајакнеме нашата соработка. Претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу нашите две претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти што се многу важни за Европа во овие толку сложени времиња“, рече Албарез на прес-конференцијата по разговорите со Османи.

Тој додаде дека односите меѓу Шпанија и Македонија се зајакнуваат и стануваат уште поблиски, а напредува и економската соработка и притоа како добар пример ја наведе компанијата „Идом“, која учествува во третирањето на водите во Охридското Езеро. Шпанија планира да одржи и министерска конференција на Балканот и за тоа прават планови со авторитетите на ЕУ.

Албарез е првиот министер за надворешни работи на Шпанија што доаѓа во земјава и тоа Османи го означи како силна порака.

„Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската унија и нашето европско досие. Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Унијата од Шведска, што е клучен период за нас, кога според планот завршува скрининг процесот, и земјава треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја,“ нагласи Османи.

За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во ЕУ.

Османи уште еднаш ги повика опозициските партии да бидат дел од процесот на уставните измени.

„Мислам дека сѐ уште има можност и шанса опозициските партии да бидат дел од процесот на уставни измени, затоа што овој момент е неповторлив. И пред 15 до 20 години некој велеше ова е неповторлива шанса, кога имаше обиди да се направи договор за името со Грција. Навистина оваа шанса е неповторлива, затоа што изгубивме 20 години, изгубивме цели генерации и ја изгубивме шансата да бидеме во пакет со Словенија и Хрватска во Европската унија, зашто заедно почнавме. Ние неколку месеци пред Хрватска потпишавме Договор за стабилизација и асоцијација. Но, исто и тогаш политичари, кои не размислуваа за идните генерации, туку за идните избори, нѐ доведоа до ситуација возот да замине. Тоа ќе ни се случи и сега доколку не сме ги научиле лекциите од минатото“, порача Османи.

„Сметам дека е важно дебатата за уставни измени да биде во комисијата, а не во јавноста, бидејќи се губи целта на таа дебата. Треба да предложат членови во комисијата за таму да ги претстават своите идеи. Ако има расположение кое ќе го помогне процесот на уставни измени поврзани со европската рамка добро, ако гледаме дека ќе се користат само како алиби за да се блокира процесот, лично како министер за надворешни работи мислам дека треба да сме внимателни“, посочи Османи.

Имам предлог, но не сакам да бидам дел од комисијата каде се даваат предлозите според него не е опција.