Со УВ индекс 8 и температури близу 40 степени, со документи во рацете и во долги редици, денеска почнаа уписите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. И годинава идните бруцоши се соочија со двоен систем – покрај електронското пријавување, документите мораа лично да ги достават на шалтерите на факултетите.

Долги редици на факултетите

Гужви имаше на повеќе факултети, но условите за чекање беа различни. Додека дел од кандидатите чекаа во климатизирани амфитеатри, други беа изложени на сонце, а некои се разладуваа со документите додека го чекаа својот ред.

На 23-те факултети при УКИМ има вкупно 8.851 место. Најмногу студенти годинава ќе прими Медицинскиот факултет – 950. Токму таму денеска биле забележани најголеми гужви, а дел од младите изразиле револт поради долгото чекање на високите температури.

Бараат целосно дигитален процес

Гужва имало и на ФИНКИ, каде што идните студенти чекале во климатизирани амфитеатри. Факултетот годинава ќе прими 500 студенти. Деканот за Сител посочил дека за целосна дигитализација на процесот е неопходно свидетелствата од средно образование да бидат достапни во електронска форма.

На Правниот факултет, исто така, било потребно трпение за да се стигне на ред и да се заврши уписот. Порелаксирана била атмосферата на техничкиот кампус при УКИМ.

Намалени квоти за 2.000 места

Оваа година квотите за упис се намалени за вкупно 2.000 места на сите универзитети. Најголемо намалување има кај студиските програми поврзани со бизнисот и администрацијата, како и на Правниот факултет, поради високата невработеност меѓу дипломираните студенти.

За разлика од нив, квотите кај техничките струки, информатиката, машинството и градежништвото останале речиси непроменети. Кај овие области вработливоста е на високо ниво и достигнува околу 98 до 99 проценти.