Победи на стартот и пласман во четвртфинале

Со убедливи резултати и сигурна игра, младите македонски ракометари и ракометарки го отворија настапот на Светското училишно првенство во ракомет во Скопје, каде денеска ги посети министерот за спорт Борко Ристовски.

Натпреварувањето трае до 29 април и се одржува во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија, со учество на над 600 натпреварувачи од 20 земји.

Од Министерството информираат дека Ристовски им честитал за одличниот почеток и им посакал да продолжат во ист ритам, со уште поголема самодоверба во следните натпревари.

Убедливи настапи на машката и женската селекција

Машката репрезентација, предводена од селекторот Горан Кузманоски, оствари две високи победи. Прво ја совлада Бугарија со 33-18, а потоа и Грузија со убедливи 46-13, демонстрирајќи доминација во двата дуела.

Женската селекција, под водство на Даниела Новеска Вељаноска, исто така стартуваше сигурно. На отворањето ја победи Белгија со 34-12, а со триумфот над Грузија од 45-13 веќе обезбеди место во четвртфиналето.

Ристовски изразил задоволство од прикажаната игра, енергија и тимски дух, оценувајќи дека младите спортисти се „вистински амбасадори на македонскиот спорт и светла иднина на македонскиот ракомет“.