Акцент на економските врски и партнерството

Продлабочувањето на односите и нови можности за соработка биле во фокусот на разговорите меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и вршителот на должноста амбасадор на САД Никол Варнс, на средба што следува по неодамнешните активности во рамки на Стратешкиот дијалог.

Од Министерството информираа дека на средбата било изразено задоволство од досегашната соработка, како и подготвеност таа дополнително да се унапреди.

Муцунски потенцирал дека Владата останува насочена кон јакнење на билатералните односи, при што посебно внимание било ставено на економската соработка и привлекувањето инвестиции.

Разгледани безбедносните теми и реформските процеси

Соговорниците се осврнале и на пошироките меѓународни прашања, како и на состојбите во рамки на НАТО и актуелните безбедносни предизвици.

„Посебен осврт беше направен на реформските процеси, вклучително во областа на судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и на реализацијата на инфраструктурните проекти“, се наведува во соопштението.

Воедно, било истакнато дека стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО имаат значајна улога за одржување на стабилноста во услови на зголемени безбедносни предизвици.