Наставните програми изминатиот период беа изработени од работни групи формирани од Бирото за развој на образованието, составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори.

Во текот на целиот процес на изработка на програмите, работните групи се консултираа и со експерти од области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично. Целата работа на работните групи беше координирана и водена од дел од експертите кои ја подготвуваа Концепцијата за да се обезбеди усогласеност на наставните програми со Концепцијата и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа.

Новите наставни програми за прво одделение се изработија врз основа на Националните стандарди донесени од страна на Министерството за образование и наука во февруари оваа година, а беа подготвувани од Бирото за развој на образованието во изминатите две години.

Во програмите се наведуваат Националните стандарди, базирани на компетенции, коишто учениците почнуваат да ги стекнуваат од прво одделение, а продолжуваат да ги развиваат во наредните одделенија, пред се компетенциите кои произлегуваат од подрачјето со кое наставниот предмет има директна врска, но и трансверзалните компетенции преку кои се остварува и интеграцијата и се овозможува целосен развој на учениците.

За секоја тема/подрачје од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, преку усвојување на наведните содржини и поими, а наставникот ќе ги следи и вреднува постигањата наученикот преку дадените стандарди за оценување (кои опфаќаат најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија: познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање). Стандардите за оценување ќе придонесат кон објективност и транспарентност во оценувањето и ќе им помогнат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување.

Примерите на активности дадени во наставните програми се со акцент на активното учество на ученикот и даваат јасни насоки како наставникот треба да ги организира и реализира активностите на часот, преку експерименти, истражувања, решавање проблеми, дискусии со учениците.

Работните групи во Бирото за развој на образованието продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование со единствена цел да создадеме стручни документи коишто ќе бидат основа и поттик на наставниците за еден поинаков пристап во наставата и образување на нови отворени, компетентни и демократски генерации.

Продолжуваме со активностите, со обука на наставниците, изработување на наставни материјали и дидактички насоки со поддршка на сите чинители во образованието.