Кошаркарската федерација на Македонија официјално ги објави дисциплинските казни за тешките инциденти што се случија на прволигашкиот натпревар меѓу КК Охрид и КК Гостивар. Овој првенствен дуел од македонската елита беше обележан со физички пресметки и тензична атмосфера во салата.
Поради сериозноста на нарушувањата, КК Охрид е санкциониран со парична казна во висина од 200.000 денари и забрана за присуство на домашна публика на следните четири натпревари, додека кошаркарот Бојоски доби суспензија од два меча забрана за настап.
Целиот инцидент на паркетот започнал во моментот кога Бојоски крајно неспортски, со рамо, удрил противнички кошаркар за време на играта.
Откако Бојоски веднаш заработил исклучувачка техничка грешка од страна на арбитрите, на теренот настанал целосен хаос и турканици. Во општата мешаница физички бил нападнат и еден од главните судии, по што натпреварот беше привремено прекинат, а потоа сепак доигран.
