Беспилотно летало поминало во близина на авионот со кој украинскиот претседател Володимир Зеленски патувал кон Норвешка, објавија светските агенции, повикувајќи се на норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе. Според објавените информации, авионот за малку избегнал да биде погоден додека ја напуштал Молдавија.
Зеленски патувал за Осло за да присуствува на погребот на норвешкиот крал Харалд Петти. Сторе за норвешката телевизија НРК изјави дека инцидентот се случил вчера и дека ја покажува реалноста со која се соочува украинскиот лидер.
Норвешкиот премиер не соопшти од каде ја добил информацијата, ниту колку блиску беспилотното летало поминало до авионот на Зеленски.
Украинскиот претседател пристигна во Осло вчеравечер, каде што разговараше со Сторе, со министерот за финансии Јенс Столтенберг, поранешен генерален секретар на НАТО, и со министерот за надворешни работи Еспен Барт Ејде.
На средбите се разговарало за воената и цивилната помош што Норвешка ѝ ја обезбедува на Украина, вклучително и за поддршката за воздушната одбрана.
Денеска Зеленски им се придружи на голем број странски високи гости на погребот на кралот Харалд Петти, кој почина на 28 август на 89-годишна возраст.
По посетата, Зеленски ја напушти Норвешка и замина за Канада, изјави Сторе за НРК.
