Податоците покажуваат дека кај жените на возраст од 20 до 64 години, стапката на неактивност во вториот квартал оваа година достигнал 59,2 проценти, додека кај мажите оваа стапка изнесува 39,8 отсто. Меѓу причините поради кои најчесто жените остануваат надвор од пазарот на трудот се посочуваат потребите за чување деца или повозрасни лица, грижата за семејството, но и неможноста да се згрижат чуваните лица во соодветна установа, односно недостигот од градинки и сместувачки центри за повозрасни лица.

Бројките што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека во третото тримесечје од 2020 година имало 744.605 неактивни граѓани, додека истиот период оваа година таа бројка се намалила на 736.753 граѓани. Од вкупниот број неактивни граѓани, 274.901 се мажи, додека 461.852 се жени.
За споредба, од вкупното работоспособно население во Македонија во вториот квартал од 2021 година, кое достигнува 1.681.911 граѓани, вкупното активно население или граѓани што работат или барaат работа изнесува 945.158 граѓани. Од нив, вработени се 796.681 лице, додека невработени се 148.477 граѓани.

Бројките упатуваат на заклучок дека имаме сличен број на вработени со неактивни граѓани. Разликата меѓу вработени и неактивни работоспособни жители на земјава е 59.928.
Традиционалната улога на жените во македонското општество во смисла на грижа околу домот, за малолетните членови на домаќинството и за возрасните лица што не можат сами да се грижат за себе се главна пречка за поголемо учество на жените на пазарот на трудот.

Во насока на поголема вклученост на младите и жените во работните процеси, надлежните укажуваат дека се преземаат повеќе мерки. Од Министерството за труд и социјална политика потенцираат дека државата неколку години презема конкретни активности, со цел соочување и намалување на стапката на неактивност.

– Со Планот за гаранција за младите се предвидени теренски активности, со кои ангажирани млади лица од граѓанскиот сектор се во директна комуникација со неактивните млади. Со концептот на гарантирана минимална помош се стимулираат корисниците на социјална помош да се вклучат во активните мерки за вработување и со тоа да преминат во активни баратели на работа, што е уште еден пример за директно справување со неактивноста. Во сите овие претходно наведени активности се применува родовиот принцип, односно вклучување на жените – велат од МТСП.

Истражувачкиот тим од здружението за истражување и анализи ЗМАИ, посочуваат дека проблемот со неактивност на граѓаните на пазарот на трудот може да се надмине со дестимулирање на невработеноста.

– Само преку воспоставување систем на социјална заштита што ќе дестимулира неработење, а ќе поттикне вработливост. За жал, кај нас сѐ уште постојат неактивни граѓани што гледаат на социјалната помош како на сигурен извор на заработка, а другите економски активности ги извршуваат преку неформално вработување или преку сивата економија. Ваквиот феномен е директно врзан со високото ниво на сива економија во општеството. Колку побрзо го намалиме процентот на сива економија во општеството, толку побрзо ќе се справиме и со големиот број на „формално“ неактивно население – потенцира Виктор Митевски од ЗМАИ.

Економистот Здравко Савески укажува дека бројот на неактивни лица е исклучително важен во поглед на движењето на невработеноста, потенцирајќи дека вообичаено граѓаните мислат оти штом се намалува стапката на невработеност, се зголемила вработеноста.

– Всушност, бројот на невработени може да се намали поради две причини: зголемување на вработеноста, но и зголемување на неактивноста. Во последните пет години, оваа стапка се движи меѓу 55 и 57 проценти, така што, засега, е константна. Но мора да се има предвид дека оваа стапка не може да биде приближна на 100 отсто, ниту пак тоа е пожелно од гледна точка на социјална правда. Бидејќи тоа би значело дека дури и пензионерите би биле принудени да бараат некое неформално вработување, затоа што пензијата што ја примаат им е недоволна за егзистенција. Исто така, дека се зголемил бројот на семејства што претходно можеле да си дозволат само еден вработен, а сега се принудени во борбата за егзистенција да се потпираат врз работата на два или повеќе свои члена. Мора да се анализира оправданоста на дефинициите со кои статистиката кај нас, но и во светот, ја анализира реалноста – објаснува Савески.

Сепак, тој исто така посочува на уште еден значаен сегмент од невклученоста на одредени граѓани на пазарот на трудот, како што е невреднувањето на трудот на лицата што остануваат дома да се грижат за децата или за други членови на семејствата.

– Зошто дефиницијата на работоспособното население ги вклучува и пензионерите? Зошто домашниот труд е исклучен од пресметката на БДП и економски раст? Тоа се многу важни прашања. Бидејќи, на пример, се девалвираат лицата што се грижат за децата во семејството и се обезвреднува нивниот труд. На пример, ако во едно семејство примањата се доволни високи за да можат да си дозволат едниот родител да работи, а вториот целосно да се посвети на грижата за децата, тогаш статистички вториот родител ќе биде категоризиран како неактивно лице. Се потценува и тој/таа и се обезвреднува неговиот/нејзиниот труд – укажува Савески.