На народниот митинг во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, претседателот на ВМРО–ДПМНЕ и кандидат за градоначалник, Христијан Мицкоски, ја претстави програмската цел „Образование“, вториот столб од неговата изборна програма под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“
Во своето обраќање, Мицкоски зборуваше за потребата од враќање на правдата и довербата во институциите. Тој истакна дека правосудниот систем мора да биде независен и непристрасен, а правдата достапна за сите граѓани, не само за привилегираните.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Тој нагласи дека е неопходно „ресетирање на системот“, со цел создавање држава во која правдата и слободата се реални, а не декларативни вредности.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас – време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин – брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената“, рече Мицкоски.
Во своето обраќање тој се осврна и на, како што ги нарече, „кочниците во институциите“ што го попречуваат напредокот на државата.
„Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски, стои во соопштението на партијата.