„Да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме“
Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека ја поддржува идејата на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување на вонреден електронски попис на населението.
„Ја поздравуваме таа идеја на премиерот и го чекаме да дојде тој материјал до нас и веднаш потоа ќе се произнесеме. Да, добро е секогаш да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме во државата и врз база на тоа да креираме планови за иден поголем развој на државата“, изјави Димитриевски на панел-дискусијата „Посветеност – Отчетност – Резултат“, по повод една година владеење на ЗНАМ.
Тој потенцира дека секое евидентирање на податоци е корисно не само за граѓаните, туку првенствено за државата за да може да гради долгорочни стратегии.
„Првенствено Македонија за да гради перспективна иднина, треба да има своја стратегија. За истата стратегија да се изгради, првенствено треба да располага со реалните и точни бројки со што располага, почнувајќи од население, ресурси итн“, рече Димитриевски.
Советници, вработувања и измени во изборниот законик
Во врска со евентуалните импликации по укинувањето на Методологијата за пописот од страна на Уставниот суд, Димитриевски кажа:
„Општина Куманово како најголема во државата има вкупно 33 члена на Советот, а со новото решение би имало 31. Дали ќе се успее да се донесе тој закон до изборите или не, не знам. Тоа ќе зависи од Парламентот, нивната работа, парламентарното мнозинство и процедурата на носење на законот и како тоа ќе помине низ фази. Но, во секој случај претпоставувам дека на овие избори повторно ќе избираме ист број на советници како што се во моментов. Дополнително, треба да се доработи овој закон, да се пушти во процедура и реално и соодветно граѓаните да бидат претставени во општинските совети“, изјави Димитриевски.
Департизација и напуштање на етничките приоритети
За вработувањата во јавната администрација, тој беше дециден дека треба да се напуштат етничките и партиските приоритети:
„Нашиот став во однос на вработувањата во јавната администрација е дека ние никогаш како ЗНАМ не се водиме по етничка или партиска припадност, туку првенствено се водиме врз база на квалитет, оспособеност на кандидатот и сето тоа што тој го има стекнато како вештина во животот за да може да се вклучи во процесот на реална реформа во Македонија, бидејќи истата ни е неопходна. Партизацијата и политизацијата на државниот систем изминативе 30 години не доведе на ова дереџе каде што сме и конечно е дојдено времето да извлечеме заклучок дека треба да дадеме предност на квалитетот во однос на политичкиот и партискиот квантитет“, рече тој.
Во однос на Изборниот законик, чии измени се заглавени без Бадентерово мнозинство, Димитриевски изјави:
„Треба да излеземе од тие партиски стереотипи и да дадеме можност на државата да се развива, а при тоа секој граѓанин да се чувствува подеднакво. Многу пати во државата личните и теснопартиските интереси се стават во прв план за разлика од националните и државните интереси. Треба да носиме законски решенија кои што ќе отвараат нови перспективи и ќе не носат во ситуација како извршна власт да креираме такви политики кои ќе бидат многу попрактични за примена, за граѓаните да почувствуваат поголем благодет од сето тоа“, нагласи тој.
Една изборна единица
Во врска со изборните единици и нееднаквата тежина на гласот, тој заклучи:
„Со ова актуелно законско решение кое е на сила, за жал не секој глас е подеднакво третиран во државата на секој граѓанин. За да изберете пратеник во ИЕ3 ви се потребни двојно повеќе гласови отколку во ИЕ6, што е несоодветно. Пратеникот во ИЕ6 тежи двојно помалку од поддршката на пратеникот усвоена во ИЕ3. Мора да се најде усогласување и сите граѓани да се третираат подеднакво како што е напишано во Устав ‘со еднакви права и можности и иста тежина’“, рече Димитриевски.