Министерот за здравство, Сашо Клековски оствари билатерална средба со министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу, синоќа на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес во Истанбул.

Од Министерството информираат дека на средбата биле разгледани билатералните односи и било нагласено пријателството меѓу двете држави.

Министерот Клековски се заблагодарил на Република Турција за помошта и солидарноста по трагедијата во Кочани.

Како подрачја на идната соработка, министерот Клековски ги издвоил: дигиталното здравство; стручната размена и едукацијата на специјалисти; соработката во областа на лековите и вакцините.

Во конкретизацијата на соработката ќе се вклучи и турската државна агенција за меѓународни здравствени услуги USHAŞ.

По средбата, двајцата министри потпишале Меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството, кој ќе претставува основа за конкретни заеднички активности меѓу двете министерства и нивните здравствени институции.

„Турција е искрен пријател на Македонија и тоа го покажа и во најтешките моменти по трагедијата во Кочани. Меморандумот ни дава рамка добрите односи да ги претвориме во конкретни проекти – од дигитално здравство, преку едукација на специјалисти, до лекови и вакцини“, изјави министерот Клековски.