Со зголемување од шест отсто споредено со лани, Дубаи пречека 9 милиони странци, како дел од визијата за глобално лидерство во туризмот
Дубаи пречека 9 милиони странци во периодот јануари – јуни 2025 година. Станува збор за зголемување од шест отсто во однос на истиот период во 2024 година. Податоците ги објави Министерството за економија и туризам на емиратот, а пренесе новинската агенција на Обединетите Арапски Емирати.
Сè поголемата туристичка понуда, водена од јавни и приватни партнерства, засилена преку стабилна маркетинг стратегија, е клучот за зголемениот број посети.
Дубаи продолжува да поставува нови рекорди во странските посети. Тоа е резултат на стратешката визија на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ, и владетел на Дубаи. Целта е да се трансформира градот во водечка светска дестинација за туризам и бизнис. Оваа значајна пресвртница е доказ за континуираниот раст на Дубаи како центар за трговија, инвестиции и глобални можности, рече шеикот Хамдан бин Мохамед Ал Мактум, престолонаследник на Дубаи и претседател на Извршниот совет на емиратот.
Тој истакна дека способноста на градот да создава нови искуства, прилагодени на очекувањата на посетителите, го зацврсти статусот на Дубаи како една од најбараните туристички дестинации.
„Од исклучителна инфраструктура до уникатни атракции, Дубаи претставува модел за извонредност во туризмот и угостителството. Сето тоа е поддржано од постојани иновации“, нагласи шеик Хамдан.
Министерството за економија и туризам соопшти дека пазарите од Заливот, Блискиот Исток и Северна Африка придонеле со 26 отсто од вкупните посети. Тоа вклучува 1,5 милиони од GCC-регионот (15 отсто) и 1,1 милион од Блискиот Исток и Северна Африка (11 отсто).
Најголем удел има Западна Европа со 2,12 милиони посетители (22 отсто). Следуваат ЗНД и Источна Европа (15 отсто). Јужна Азија (15 отсто). Источна Азија (девет отсто). Америка (седум отсто). Африка (четири отсто). Австралија и Океанија (два отсто).