Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) намерно предизвикува етнички тензии во јавноста, обвинувајќи ја партијата дека внесува етнички предзнак во бројни прашања за да го сврти вниманието од истрагите што се водат против нејзини функционери.

Мицкоски оцени дека ДУИ се наоѓа под политички и правен притисок, па затоа, како што рече, се обидува да ги подели граѓаните преку реторика што ја нагласува етничката припадност и генерира етнички тензии.

„Ги охрабрувам повторно да ѝ се вратат на зелената агенда што ја претставуваа пред неколку години. Тогаш џогираа по скопско Водно – можеби токму еден таков џогинг ќе им помогне да си ги расчистат мислите и да понудат една конструктивна идеја,“ изјави премиерот.

Тој посочи дека секој избор е нивна одлука, но потенцира дека владата не ги дели граѓаните според етничка основа.

Во однос на последните обвинувања од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Мицкоски изјави:

„Оваа Влада има толку многу постигнувања што изјавите на Ахмети се без тежина за коментирање. Нашиот пристап е јасен – ние не делиме луѓе според етничка припадност, туку ги разграничуваме граѓаните на оние кои ги почитуваат Уставот и законите и оние кои не го прават тоа.“

Според Мицкоски, државата е мултиетничко општество и владата останува посветена на таа реалност.

 

Извор: Sk1