Во Тетово во моментов се одржува протест организиран од ДУИ поради одлуката поврзана со промената на имињата на улиците во градот. Иако партијата најавуваше масовен граѓански марш и голема мобилизација, според информациите од терен, на собирот присуствуваат околу 100 до 150 лица.

Од ДУИ тврдат дека одлуката за промена на имињата на улиците ги загрозува принципите на Охридскиот рамковен договор и правата на етничките заедници. Поради тоа партијата ги повика граѓаните да излезат на протестен марш во Тетово.

Бројот на присутните засега е значително помал од очекувањата и од најавите за протест со илјадници граѓани. На местото има демонстранти кои се приклучиле на маршот, но најавената масовност изостанува.

Протестот се одвива мирно и, според досегашните информации, без инциденти. Собирот сè уште трае, а се очекуваат дополнителни информации за неговиот тек и за пораките што ќе ги упатат организаторите.