Една од малкуте работи во оваа држава која може да се поздрави е иницијативата на јавните личности: водители, пејачи, политичари, инфлуенсери и сите останати кои се обединија за талентираниот Леонид Индов.
Пред да продолжиме со веста, како редакција сакаме и ние да повикаме сите заедно да донираме за Индов. Еве ги деталите:
Целосен назив: Леонид Индов
Трансакциска сметка: 210-7000006805-91
Банка: НЛБ Тутунска Банка
Миа Костова
За ден и пол инфлуенсерката и водителка Миа Костова успеа да собере 450.000 денари. Таа организираше огромна дарителска акција преку Инстаграм. Преку оваа иницијатива свое учество заземаа бројни мали бизниси, компании и поединци кои решија да ја покажат својата солидарност.
Вчера и денес сме собрале околу 450.000 денари! Чисто да знаете каква сила сте!
Ви благодарам по милионити пат на сите што дониравте и купувавте!
Најголемата онлајн продавница за донации ќе е отворена до недела. Имате време да најдете нешто за себе и да донирате за Леонид!
Барајте ги понудите во хајлајтс со наслов Леонид 🙏🏻❤️, напиша Костова на социјалните мрежи.
ДНК
Можеби токму дуото ДНК е една од најзаслужните за оваа голема акција и големиот јавен интерес за овој случај. Нивната добиена Златна бубамара на популарноста ја ставија на лицитација каде највисоката понуда е од Митрески Кирче кој понуди 250.000 денари. Но, освен ова и многу други лица и покрај тоа што нивната акција не дадоа највисока понуда донираа за телентираниот Индов. Па, така вкупната сума која ја донираа ДНК е 690.000 денари.
И официјално заврши лицитацијата за помош на Лео, преку која наградата Златна Бубамара на Популарноста заврши во рацете на Митрески Кирче од Охрид кој ја даде најголемата понуда во износ од 250.000 денари.
Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе.
Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Filip Patrikliski (Eam T-Shirts) кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео. Со ова, тоталната сума изнесува неверојатни 690.000 денари, со што Македонија уште еднаш покажа дека е хумана нација, и нација со огромно срце. Ви Благодариме, пишуваат од ДНК.
Студентско собрание
Факултетското студентско собрание средствата од забавата на 21.02.2024 ги донира за лекување на Леонид Индов. Тие донираа 14.000 денари за Индов.
Христијан Мицкоски
Овој пат зборувам како родител и обичен граѓанин. Правото на живот е загарантирано за секого. Ако институциите не можат да го решат проблемот со малиот Лео тогаш ние како граѓани да се вклучиме, да бидеме хумани и да помогнеме! Да му помогнеме на Лео.Затоа ве повикувам сите да донираме.
Градоначалниците Муцунски и Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во повеќе наврати донира за младиот Леонид Индов, а во негова чест во Општина Аеродром беа организирани повеќе хуманитарни настани. Денеска Орце Ѓорѓиевски од Општина Кисела Вода донираше 30.000 денари, а неговата објава ја пренесуваме во продолжение.
Освен гореспоменатите, вреди да се напоменат многуте средношколци, студенти и останати јавни личности кои несебично помогнаа за овој колективен успех што впрочем и треба да биде најнормално нешто – да бидеме добри луѓе и да помогнеме на оние на кои им е неопходно.