Дурловски бара строги правила за настапи на странски изведувачи по случувањата во Кавадарци

Игор Дурловски испрати силна порака дека културниот простор во државата брзо се трансформира под влијание на надворешни актери и интереси. Тој оцени дека јавната сфера се претвора во терен за конфликти што немаат допирна точка со локалниот контекст.

„Во држава која и понатаму се обидува да зачува барем минимална културна сувереност, нашата јавна сфера се’ почесто се сведува на навивачки трибини за ‘културни’ конфликти што не се ниту наши, ниту за нас релевантни.“

Дурловски посочи дека последните случувања во Кавадарци покажуваат обиди за влијание однадвор.

„Одредени фигури и портали од балканската естрадна периферија не се задоволуваат само со диктирање на јавниот вкус, туку отворено се обидуваат да влијаат и врз домашните политички процеси.“

Тој оцени дека државата мора да постави строги правила за настапи и активности на странски изведувачи.

„Ако државава навистина верува дека може да функционира со минимален степен на самопочит, тогаш е крајно време да воспоставиме јасни, строги и транспарентни правила за организацијата, работата и јавните настапи на странските изведувачи. Тоа не е рестрикција, туку елементарен механизам за културна самозаштита.“

Дурловски предупреди дека без таква рамка се остава простор за надворешни интереси да го диктираат културниот и медиумскиот пејзаж.

„Или ќе ја артикулираме сопствената регулаторна рамка, или, да бидеме чесни, можеме мирно да се самораспуштиме и да признаеме дека нашата културна и медиумска архитектура е оставена на милост и немилост на лукративни проекти со центри надвор од Македонија.“

Како решение, тој предлага формирање на стручно тело.

„Предлагам задолжително формирање на едно стручно и компетентно тело кое ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата культурна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси.“

Објавата ја заврши со порака за потребата од јасна државна позиција.

„Ако сакаме да постоиме како држава, мора да престанеме да се однесуваме како публика на настан чиј режисер никогаш не сме го избрале.“