Македонија ги замрзна цените на основните прехранбени производи. Колку е тоа делотворно и зошто Германија не го практикува? За да даде одговор „Дојче Веле“ направи споредба на цените на прехранбените производи во двете земји, при што испадна дека кај нас многу од нив се поскапи.
Репортер на Дојче веле во вторникот посети маркет на Лидл во Бон, за да споредиме каква е цената на дел од основните производи во Германија– каде нема замрзнување на цените- и Македонија каде тоа се практикува од минатата недела
Пченичното брашно во Бон можете да го купите за 45 центи, во Македонија за 40 денари или околу 20 евроценти поскапо.
Кристален шеќер во Лидл чини 79 центи, во македонските дисконти може да се најде поевтино- за 40 денари.
Млекото со 3,5 отсто масленост во Македонија ќе ве чини најмалку 50 денари, во Германија може да се најде за 80 центи.
Ако купувате месо, во Македонија ќе минете нешто поевтино- за килограм свинско ќе платите околу 350 денари, додека во Германија 6,99 евра.
Севкупно гледано, цените на производите се слични, со таа разлика што стандардот на граѓаните во Германија е далеку повисок- барем седумпати од македонскиот.
Каде е поевтино? – Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Според уредникот на економската редакција на ДВ, Хенрик Беме храната во Германија е толку евтина поради Алди и Лидл.
-Ние Германците ги измисливме дисконтите“, вели Беме. „Тие имаат огромна пазарна моќ, прават огромни набавки и ги убиваат цените. Производителите кои сакаат да се најдат на нивните рафтови мораат да исполнат екстремни услови за квалитет и квантитет. Оној што не може тоа да го стори, лета надвор. Затоа се толку исполнителни и со цените“, објаснува тој.
Втората причина што е толку евтино, признава Беме, е што Германците се многу практични кога е во прашање храната, а многу малку префинети- што повеќе за што помалку. „На пример, во Франција храната има повисока вредност, едноставно Французите имаат поинаков однос кон храната. Затоа таму се навикнати на повисоки цени“.