Вкупно 18 пожари на отворен простор биле евидентирани денеска до 18 часот, од кои два сè уште се активни, четири се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.

Активен останува пожарот кај селото Грешница во Општина Македонски Брод, на местото Стојанова Населба, каде што се зафатени ниска вегетација, деградирана шума и грмушки. Огнот е активен и во Општина Струмица, меѓу селата Ново и Старо Коњарево, каде што гори стрниште.

Под контрола се пожарите на депонијата во Делчево, кај селото Падалишта во Гостивар, каде што гореле ниска вегетација и нискостеблеста шума, на дивата депонија во Долна Белица во Струга, како и кај селото Блато, во атарот на Врбјани во Општина Кривогаштани, каде што биле зафатени ниска вегетација и стрниште.

Изгаснати се пожарите во општините Босилово, Валандово, Гевгелија, Гостивар, Желино, Брвеница, Неготино, Сарај, Штип и Чешиново-Облешево, како и два пожари во Гази Баба.