-На едно лице при проверка на безбедносниот статус одбиено му е барањето за безбедносен сертификат и не го поминал првиот филтер. За причините за одбивањето не добив образложение, а започната е и процедура за прекинување на работниот однос. Друго лице користело несоодветен сертификат. И тој не го поминува првичниот ветинг и за него следува прекин за работниот однос. Со тоа може да се заклучи дека две лица не го поминаа ветингот, рече Османи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на неговата матична партија ДУИ во Скопје.

Тој посочи дека тоа не е групата на дипломати за кои Ерменија издаде меѓународна потерница преку Интерпол.

Во рамките на темелите проверки, додаде тој, констатирано е и дека шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на своите безбедносни сертификати. По укажувањата дека може да се работи за технички превид, на овие лица, вели, им е даден рок од седум дена да ја исправат оваа грешка и да побараат соодветна сертификација.

-По изминување на рокот поединечно ќе се разгледува статусот на првичниот ветинг за секој од нив и соодветно наодите ќе се одлучува укинување на ограничувањето и нивно целосно враќање на работните обврски или започнување на процес за прекинување на работниот однос во зависност од тоа како тоа ќе се одвива, рече шефот на дипломатијата Османи.