Голем број странски државници се во посета на Киев во знак на солидарност. Поддршката продолжува до ослободување на земјата, порача претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен.

Две години од почетокот на руската инвазија на Украина. Жителите уморни од сирените за опасност, светот од последиците од војната во Европа. Повиците за прекин на огнот сè погласни. Од состанокот на Советот за безбедност на ООН, Киев и Москва со обвинувања за финансирање и разгорување на конфликтот.

„Ја осудуваме континуираната воена поддршка за руската агресивна војна, вклучително и од Иран, Белорусија и Северна Кореја. Ги повикуваме сите земји да не обезбедуваат оружје и да го ограничат извозот на сите артикли кои се клучни за војската на Русија“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

„Секој конфликт ќе заврши порано или подоцна. Нема сомнение дека и украинскиот конфликт ќе заврши. Колку подолго трае поради поддршката од Западот, толку помалку поволни ќе бидат мировните услови за Украина. На долг рок, важно ќе биде какви заклучоци ќе извлече Западот од ова“, изјави Василиј Небензи,постојан претставник на Русија во ООН.

Премиерите на Италија, Канада, Белгија и претседателката на Европската комисија, во посета на Киев во знак на поддршка. На фронтот борбите продолжуваат. Москва говори за успеси, Киев за тешката ситуација без воена помош од Западот. Украинскиот претседател најави нова мобилизација, како предзнак за нова офанзива. Законот е во процедура на украинската Рада – предвидува долна граница за стапување во војска на 25 години.

„Немаме муниција, немавме и немаме. Во иднина, ако ја немаме, тие ќе се подготвуваат за војна на Запад“, вели висок офицер на артилериската бригада.

„Нашата пешадија треба да биде заштитена, а за да ја заштитиме потребни ни се голем број гранати, кои сега ги немаме. Со толкав број гранати срамота е да се погледне пешадијата во очи“, изјави командант на артилериската единица.

„Ситуацијата на бојното поле останува исклучително сериозна, целта на претседателот на Русија, Путин да доминира во Украина не е променета и нема индиции дека се подготвува за мир“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во пресрет на годишнината, Советот на Европската Унија го воведе 13. пакет санкции против Москва. Како одговор, Русија го прошири списокот на политичари од Европската Унија на кои им забранува влез во земјата. Американскиот претседател, Џо Бајден, исто така најави санкции поради војната и смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални.

Извор: МРТ