Две лица се повредени во терористички напад во археолошкиот локалитет Давидов град во Ерусалим, а напаѓачот бил ликвидиран од страна на полицијата, пренесуваат израелските медиуми. Напаѓачот отворил оган во улицата Маалот а полицијата пристигнала на местото на настанот за неколку минути по што тој бил неутрализиран. Во моментот, полицијата работи на идентификација на напаѓачот, а се вршат и претреси во областа.

Според полицијата, нападот се води како терористички чин, а службата за итни случаи соопшти дека жртвите се со тешки повреди. Нападот се случи помалку од еден ден по најсмртоносниот напад во градот од 2008 година. Вчера Палестинец уби седум лица пред синагога, а 10 лица беа повредени. Израелската војска денеска соопшти дека го зголемува бројот на војници во окупираниот Западен Брег каде што живеат претежно Палестинци.

Вчерашниот инцидент дојде откако ден претходно, израелските сили убија девет Палестинци, вклучително и најмалку еден цивил, за време на воен напад во Џенин, градот на Западниот Брег, кој стана жариште на вооружениот палестински отпор. Во четвртокот вечерта, милитантите во Појасот Газа истрелаа најмалку 13 ракети врз Израел, што предизвика нови стравувања од пошироко насилство.

Инцидентот во Ерусалим наиде на остра осуда од американскиот Стејт Департмент, a го осудија и Европската Унија, Франција, Велика Британија и официјална Москва.