Техничкиот премиер, Талат Џафери, откако на гласачкото место во родното село Форино го исполни своето граѓанско право на денешните избори за шеф на државата и за пратеници во Собранието, во изјава за медиумите рече дека се исполнети сите услови за одвивање на изборниот процес.
На новинарско прашање дали гласал и за претседател на државата и за пратеници, Џафери одговори потврдно и рече дека тоа е слобода на избор.
„Да, секако. Тоа е слобода на избор и во секој случај тоа е и право, и можност, и во крајна инстанца, како човек, да се исполни обврската кон граѓаните“,рече Џафери.
Џафери рече дека очекува изборниот процес да заврши мирно и без проблеми.
„Убеден сум во тоа дека така и ќе биде. Впрочем граѓаните покажаа високо ниво на култура во гласачкиот процес уште на 24 април. Нема причина поинаку да биде денес. Во крајна инстанца граѓаните се свесни за значењето на изборниот процес и ја имаат сета слобода да си ја изразат волјата во кутиите. Со тоа фактички го даваат гласот за оној кандидат за којшто мислат дека ги исполнува нивните очекувања“,
рече Џафери.