Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека денеска ќе се вакцинираат пратениците, а оти вакцинацијата на вработените во собраниските служби започнала минатата недела. Џафери не го знае бројот на пратеници што денеска ќе се вакцинираат бидејќи како што вели, тоа е волја на секој поединец и нивна одлука. Појасни дека секој од пратениците добил порака за терминот и во која кабина треба да се вакцинира.
-Нивна лична одлука е кој ќе дојде кој нема да дојде. Тоа е волја на секој поединец, рече Џафери.
Претседателот на Собранието изрази надеж дека по ревакцинацијата на пратениците ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и оти од втората половина на мај ќе се врати нормалниот начин на работа на законодавниот дом, секако, почитувајќи ги и понатаму процедурите и протоколите воспоставени со одлуките и со мерките кои се преземаат од државните надлежни институции по ова прашање.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека пратениците ќе ја примат вакцината на Спутник и тоа во три групи и дека во салата паралелно се одвива и вакцинацијата на постарите граѓаните. Според него, вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава, останати се по 5.000 дози од вакцината на Астразенека и Фајзер, како и на Синофарм, а најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината Фајзер и 200.000 на Синофарм до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.