Говорејќи на вонредната седница на парламентот за ситуацијата во Авганистан, Џонсон кажа дека за талибанците треба да се суди според нивните дела, а не по зборовите што ги кажуваат, откако милитантите се обидоа да ја убедат светската јавност дека нема да се одмаздат.
Не мина ниту минута по воведното обраќање, а Џонсон веќе беше прекинат од член на неговата Конзервативна партија кој остро го искритикува.
Џонсон, кој во саботата замина на одмор за потоа експресно да се врати кога талибанците се приближија до авганистанската престолнина, денеска е обвинет од лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер, за „несовесно раководство“.
-Постоеше крајно погрешна проценка за издржливоста на авганистанските сили и зачудувачко самозадоволство кај нашата влада кога станува збор за талибанците, рече Стармер.
Поранешната конзервативна премиерка, Тереза Меј, исто така, се прашува како Велика Британија толку погрешно ја проценила силата на талибанците, кои по молневитата офанзива во саботата го зазедоа Кабул.
-Дали нашето разбирање за авганистанската Влада беше толку лошо? Дали нашето знаење за ситуацијата на теренот беше толку несоодветно?” го праша Меј нејзиниот наследник. „Или ние само чувствувавме дека треба да ги следиме САД и се надеваме дека се ќе биде во ред“, додаде таа.
Неколку пратеници се фокусираа на одлуката на САД да се повлечат од Авганистан и на критиките на Бајден кон авганистанските сили, кои во голема мера им се предадоа на помалите талибанци. Џонсон призна дека Велика Британија, по одлуката на САД да се повлече, немала друг избор освен да го стори истото.
Том Тугендхат, конзервативен пратеник и претседател на парламентарната комисија за надворешни работи, кој служеше во Авганистан, во Долниот дом кажа дека тој, како и другите ветерани, чувствува гнев и тага.
-Видов добри луѓе како умираат и со себе под земја носат дел од мене и дел од сите нас, рече тој. “Срамно е Бајденовото доведување во прашање на храброста на луѓето што се бореа со мене и срамно е да се тврди дека избегале. Оние кои никогаш не се бореле треба да бидат внимателни кога ги критикуваат оние што се бореле“, рече пратеникот.
Велика Британија вети дека ќе прифати до 5.000 Авганистанци во првата година од новата програма за имиграција, која ќе опфати вкупно 20.000 луѓе. Приоритет ќе имаат жените, девојчињата, верските и другите малцинства.