И покрај тоа што земјите се согласија само да го „намалат“ наместо да го „исфрлат“ јагленот, британскиот премиер рече дека ова е фантастично достигнување, пренесува Би-би-си.

Промената била направена по интервенција на Кина и Индија.

Но сепак, ова е првпат во таков договор за климата да бидат спомнати планови за намалување на јагленот.

Договорот беше постигнат откако двонеделниот самит КОП26 во Глазгов, кој требаше да заврши во петокот, продолжи и во саботата.

Говорејќи на прес-конференција на Даунинг стрит, Џонсон рече дека и покрај постигнувањата на самитот, неговата реакција е „проткаена со разочараност“.

Тој рече дека оние за кои климатските промени веќе се „прашање на живот и смрт“ барале големи амбиции и „додека многумина од нас беа подготвени да го дадат тоа, тоа не важи за сите“.

Но тој рече дека Британија не можела „да ги принудува суверените нации да го прават она што не го сакаат“.