Кандидатите се дел од владината мерка за заштита од пожари и пошумување на локално ниво, обуката за пожарникари ја изведоа ДЗС и пожарникарите од Скопје

Вкупно 352 кандидати ја завршија дводневната теоретска и практична обука за пожарникари. Обуката се одвиваше во Скопје и беше спроведена во координација со претставници од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и територијалните противпожарни единици на Градот Скопје.

Овие лица утре ќе потпишат договори за работно ангажирање во рамки на владината мерка од Оперативниот план за 2025 година. Се работи за ангажман во јавни работи поврзани со заштита и превенција од пожари. Како и активности за оплеменување на животната средина. Пред сè преку пошумување на локално ниво.

Како што денеска соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, на јавниот повик на Владата се пријавиле вкупно 499 кандидати. Од нив, на обуката се појавиле 364 лица.

По завршената дводневна теоретска и практична обука за пожарникари, која се спроведе заеднички со територијалните противпожарни единици и Дирекцијата, ќе продолжат вкупно 352 кандидати. Тие утре ќе потпишат договори за ангажман преку Агенцијата за вработување, со која соработуваме како партнери заедно со општините. Сите се дел од оваа владина мерка, рече Ангелов.

Тој упати и благодарност до Црвениот крст. Како што нагласи, активно се вклучил во обуката на кандидатите низ сите градови во државата.