Државниот завод за статистика информира дека денеска во претпладневните часови се појавиле спорадични и локациски изолирани проблеми при процесот на попишување на населението на терен, оти тие се успешно остранети, како и дека не се должеле на паѓање на интеретот, туку најверојатно на поголемиот број сесии што се одвивале истовремено. Додека траеле техничките прпблеми биле попишани речиси 10 илјади лица.

-Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии, се вели во соопштението од ДЗС.

Колку за илустрација, велат од Државниот завод за стстистика, во тие два-три часа додека траеле техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата.

Државниот завод за статистика се извинува за лошо изнесената изјава дека проблемите се должат на паѓање на интернетот и јавно се извинува на Македонски Телеком АД за, како што велат, несреќно дадената изјава што се должи на недостиг на точни информации.