Ракометарите на Е. Пелистер забележаа голема победа во ЕХФ Европската лига.

Пелистерци вечерва против досега непоразениот Вибжеже Гдањск го одиграа најдобриот натпревар на европската сцена.

Во 5. коло од групата Г, во салата „Боро Чурлевски“, македонскиот вицепрвак славеше триумф со 34-27.

Почетните девет минути донесоа израмнета игра гол за гол, па на семафорот стоеше 4-4. Потоа домаќините го подигнаа ритамот и со серија од 3-0, предводени од Саду Нтанзи, поведоа со 7-4 во 12. минута.

Полскиот тим успеа да одговори и да го одржи приклучокот во средишниот дел од полувремето. Во 21. минута гостите намалија на 13-12, а потоа и 14-13. Сепак, битолчани не дозволија израмнување или пресврт, а со сигурен напад ја вратија контролата врз резултатот.

Клучниот момент во првиот дел се случи во завршните три минути, при резултат 16-14 во 27. минута. Еурофарм Пелистер направи фуриозна серија од 4-0 и со максимални плус шест (20-14) го заклучи првото полувреме.

Имаа битолчани и најголеми осум гола предност во 38. минута (29-21). Гостинскиот состав со серија од четири голови ја преполови предноста, што беше „аларм“ за Червар да побара тајм-аут. Неговите избраници до крајот ја контролираа играта и резултатот, па на крајот сосема заслужено се радуваа заедно со своите симпатизери, популарните „Чкембари“.

Најефикасен во редовите на битолскиот состав беше капитенот Филип Кузмановски со 8 погодоци, додека Павле Атанасијевиќ кој постигна 5. Одличен настап имаше и голманот Саид Хејдарид, кој запиша 14 одбрани, најголемиот дел во клучните моменти.

Со оваа победа Еурофарм Пелистер останува во трка за едно од двете места што водат во следната фаза на ова натпреварување.

Битолчани со 5 бодови сега избиваат на 2. место на табелата зад вечерашниот противник Вибжеже, кој има шест. По нив следуваат Гумерсбах со 4 и Ла Риоха со 3 бодови, кои вечерва во Германија го играат својот дуел од ова коло.

Во последното коло, Еурофарм Пелистер на 1 декември ќе гостува во Шпанија кај Ла Риоха.