Европската централна банка (ЕЦБ) мора да ја зајакне супервизијата на кредитните ризици во банкарскиот сектор и да ги заостри капиталните барања за кредиторите со поголем ризик, предупреди Европскиот суд на ревизори во денеска објавениот извештај.
„И покрај зголемените напори во супервизијата на кредитниот ризик на банките и проблематичните кредити“, ЕЦБ не ги зајакна мерките за супервизија на банките со проблеми со кредитниот ризик, заклучуваат ревизорите.
ЕЦБ не наметна „пропорционално повисоки барања за капитал“ на банките со поголем ризик и не презеде ништо кога се покажа дека банките немаат соодветни процедури за справување со проблематичните заеми, предупредуваат тие.
Тие, сепак, признаа дека проблематичните кредити во банките под надзор на ЕЦБ се намалени.
Во низата препораки тие побараа посилна проценка на ризикот на банките, поефективна анализа и користење на сите расположливи супервизорски овластувања.
ЕЦБ ги прифати препораките, но нагласи дека тие се обидуваат да им дадат време на банките да се справат со лошите заеми, наместо да понудат посебен третман.
Повеќе од 110 големи банки во 21 земја-членка на ЕУ, вклучително и 20 земји кои го користат еврото и Бугарија, се опфатени со супервизорскиот режим на ЕЦБ, основан по финансиската криза во 2008 година.