Селекторот Игор Ангеловски пред медиумите даде коментар на средбата и истакна дека жали што Македонија во самиот финиш останала без полн плен со балканскиот ривал.
-Најпрво, сакам да им се заблагодарам на навивачите кои дојдоа во голем број и благодарам на поддршката. Едиствено што жалам е што не успеавме да прославиме со победа. Секако дека во второто полувреме до примениот гол противникот не се приближи до нашата зона. Дадовме еден гол, имавме шанси да дадеме уште еден и моравме да ја затвориме оваа средба. Сепак, ова се подготвителни натпревари, мора да ротираме и да им дадеме можност на сите фудбалери. Кога ќе се соберат сите работи, ја постигнавме целта на овој меч. На следниот дуел ќе имаме шанса да ги коригираме сите недостасоци, затоа што на ЕП нема да имаме право на грешка, изјави Ангеловски.
Следниот натпревар за „рисовите“ кој ќе биде генералка пред ЕП ќе биде повторно на домашен терен, против селекцијата на Казахстан. Првото соочување против овој ривал во историјата е закажано на 4 јуни.