Пратеничката Моника Зајкова, на деветтиот конгрес на партијата, повторно е избрана за претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП). За нејзиниот избор гласаа сите 295 присутни делегати на конгресот.
„Ми претставува чест што ја добив целосната доверба од делегатите, едногласен избор, што за мене претставува уште поголема обврска да продолжиме напред кон политиките за коишто се залагаме“, изјави Зајкова по изборот.
Таа нагласи дека ЛДП ќе продолжи активно да ги презентира своите реформски политики меѓу граѓаните на терен.
„Оние добро познати политики коишто сè уште не се усвоени, како електронската нараквица за сторителите на насилство, укинување на банкарските провизии коишто се навистина огромен товар за граѓаните, намалување на данокот на добивка на 9%, моделот на бизнис ангели, како и низа други економски политики коишто ќе бидат од понеделник презентирани и пред граѓаните на терен“, посочи Зајкова.
Партијата во претстојниот период ќе избере и нови потпретседатели, како и членови на Централниот одбор и на Извршниот одбор на партијата.
„За нас е важно партијата да остане препознатлива во јавноста како субјект којшто е изграден во центарот, а не субјект кој следи туѓи политички агенди, бидејќи имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред. Јас и во мојот говор утринава напоменав дека се стремиме и кон и имаме капацитет да понудиме и кандидат за претседател на Владата“, рече Зајкова.
Конгресот на Либерално-демократската партија се одржа под слоганот „Имаме амбиција, имаме капацитет, знаеме како да ја движиме Македонија напред“.
