Претставниците на Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) ја обвинија Грција за систематско потиснување на македонското и на турското малцинство, посочувајќи на заплашување, кривичен прогон и на попречување на културните активности на двете заедници.

Во соопштението се наведува дека во Леринскиот Округ, грчките власти ги попречувале традиционалните фестивали на кои се пеат песни и се играат ора на македонски јазик. Меѓу примерите се наведуваат прекинување на културни настани во леринските села, како и кривични пријави против припадници на македонската заедница.

Работната група посочува и на тужба поднесена од грчки адвокат против 15 припадници на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков“ и против Партијата на пријателството, еднаквоста и мирот (ДЕБ), која го претставува турското малцинство.

Во однос на турското малцинство, ЕФА посочи на инцидент во џамијата „Чинар“ во Ксанти во октомври 2024 година, по кој биле поведени кривични постапки против четворица негови претставници. По судењето во јуни 2026 година, секој од нив бил осуден на 17 месеци затвор. Работната група изразува загриженост и поради назначувањето муфтии од грчките власти без согласност на турското малцинство.

Во соопштението се критикува и Грција поради неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во предмети поврзани со македонските и со турските организации. Како примери се наведуваат предметот „Дом на македонската култура и други против Грција“, кој не е спроведен повеќе од 10 години, и групата предмети „Бекир Уста“, поврзани со турски здруженија, чии пресуди остануваат неспроведени 18 години.

Работната група потсетува и дека во јуни 2026 година ЕСЧП одлучил во корист на „Турското културно здружение на жените од Ксанти“, утврдувајќи повреда на Европската конвенција за човекови права од страна на Грција. Сепак, грчкиот Апелациски суд потоа го одбил барањето за спроведување на пресудата и за регистрација на здружението.

Поради овие случувања, Европската слободна алијанса ги повика Обединетите нации, Советот на Европа и институциите на Европската Унија да извршат притисок врз Грција и да побараат од грчките власти да ја прекинат кампањата на заплашување и вознемирување.

Од организацијата бараат Грција да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да им овозможи на македонските и на турските културни организации слободно да работат и да преземе мерки за заштита на малцинствата од говор на омраза.