Европската ракометна федерација (ЕХФ) упати комплименти на адреса на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) за организацијата на Европското првенство на кое Скопје е заеднички домаќин со Подгорица, Љубљана и Цеље.

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, денеска на брифинг во Скопје упати пофални зборови за коорганизацијата и ангажманот на РФМ во логистичка и инфраструктурна поддршка на турнирот.

– Сè се одвива како што треба и верувам дека сè ќе остане во најдобар ред до самиот крај, изјави Видерер, кој во рамки на посетата на Скопје вчера ги следеше натпреварите од Европското првенство во салата „Борис Трајковски“.

Видерер, притоа, најави можност РФМ да биде ко-домаќин и на Европското првенство во машка конкуренција во 2030 година.