Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација и постигна ограничен напредок во спроведувањето на препораките од минатата година, се посочува во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во приближувањето кон ЕУ.
ЕК во забелешките посочува дека е одложено усвојувањето на законските решенија за организација и за работа на органите на државната управа, на нов закон за висока раководна служба, како и на новата правна рамка за управување со човечки ресурси, преку измени на законите за административни службеници и за вработените во јавните служби.
Според Комисијата, новата рамка е замислена да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да гарантира избор, унапредување и разрешување врз основа на заслуги, вклучително и на ниво на повисоките раководни функции.
– Со одредени доцнења продолжи имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 година, како и следењето и извештаите за нејзино спроведување. Целосно беа реализирани само дел од планираните активности. Во Министерството за информатичко општество и администрација се уште нема соодветно екипиран сектор за јавна администрација, кој би ги спроведувал реформите на техничко ниво. Дополнително, треба да се работи и на заложбите за зголемување на менаџерската одговорност, наведува Комисијата.