Довербата во вакцините значително опадна, предупредува извештајот на УНИЦЕФ, непосредно објавен пред Неделата на имунизација. Во листата препораки конкретно за Македонија УНИЦЕФ наведува дека мора да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и секако тие да се вакцинираат, а особено оние дечиња кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на Ковид-19. Се препорачува да се зајакне довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата, исто така да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита, како и да се изградат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници, објави Фактор.

Во оваа насока, токму во Неделата на имунизација која трае од 23. до 29. април активно се вклучи и Здравствен дом Скопје со своите тимови кои излегуваат на терен во неколку скопски општини.

– Здравствен дом Скопје е вклучен во Неделата на имунизација, на територија на три општини, односно во Ѓорче петров, Чаир и Гази Баба и нивни околни населени места. Превентивни тимови излегуваат на терен со цел да се информираат родителите за важноста на имунизацијата на нивните деца, особено за оние деца кои не се вакцинирани или пропуштиле некоја вакцина. Целата акција е за зголемување на опфатот со редовно иминизирани деца, затоа нашите тимови даваат детални информации и советуваат за бенефитите од редовната имунизација. Занчи, ги информираат родителите и закажуваат во најблиските вакцинални пунктови. Според најновиот извештај на УНИЦЕФ Македонија е на второ место во светот по бројот на деца кои не примиле вакцина од раѓањето. Тоа е загрижувачки податок. Затоа подоцна ќе се соочуваме со појава на болести кои се сметаат за искоренети. Уште се бориме со подигнување на свеста за имунизација од морбили. Пред неколку години имавме епидемија на ова опасно вирусно заболување. Мора да се разбере дека имунизацијата е од клучно значење за превенција на болестите кои може да бидат смртоносни. Нашата мобилна екипа денеска е во Шуто Оризари од 9 до 13 часот, посочува во разговор за Фактор директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски.

Освен тоа, како што појаснува д-р Изјановски, тимовите кои се составени од лекар, медицинска сестра и возач, покрај советите кои ги даваат за редовна вакцинација, со себе носат и вакцини против Ковид-19 на компанијата Фајзери за оние повозрасните во домовите кои сакаат да примат бостер доза.

Најновите податоци во извештајот на УНИЦЕФ направен врз основа на истражувања во 55 земји во светот, покажуваат дека дури во 52 земји стапките на вакцинација се намалени за повеќе од една третина и тоа во Јужна Кореја, Папуа Нова Гвинеја, Гана, Сенегал и Јапонија. 29 од вкупниот број проучувани држави се во Европа и во Централна Азија. Босна и Херцеговина, Киргистан и Македонија се на второ место поневакцинираност, додека само во три земји – Кина, Индија и Мексико – податоците покажуваат дека луѓето останале позитивни за здравствените придобивки од вакцинацијата.

Што се однесува конкретно за Македонија, извештајот покажа дека за разлика од светските трендови каде невакцинираните деца се главно во најнеразвиените и најсиромашните земји, во Македонија бројот на деца со „нула дози“ е во градовите и тоа во најбогатите и најразвиените делови од државава.

Анита Буховски, Фактор