Екипите на ЕВН од утре почнуваат да работат на мрежата во Слупчане. Од компанијата велат дека добиле уверување дека екипите нема да имаат проблеми во ова липковско село каде во изминатиот период имаше тензии поради неплаќањето на сметки на 80% од населението, пренесува Сител.

Во краткиот одговор кој го добивме од компанијата не откриваат многу, освен дека утре почнуваат со работа.

-Екипите на Електродистрибуција утре ќе започнат со работа во селото Слупчане. Законите кои важат за сите корисници во државата, ќе продолжат да важат и понатака, велат кратко од ЕВН.

Од месната заедница за Сител уверуваат дека проблеми на терен нема да има.

-Нема да имаме пак проблеми. Денеска во просториите на општина Липково, заедно со градоначалникот и јас како претседател на општинскиот Совет, претседателот на Месната заедница и другите претставници кои беа, десетмина, ги предводевме преговорите со ЕВН. Денеска се согласивме утре да дојдат да почнат со работа и работите да одат така како што треба, вели претседателот на Советот на општина Липково, инаку и жител на Слупчане, Зекирја Шаини.

Откако слупчанци доставија десетина барања, меѓу кои и да плаќаат максимум до 3.000 денари без разлика на тоа колку струја потрошиле, сега ЕВН не го открива договорот кој го склучиле со мештаните. Од компанијата само велат дека на оние коишто имаат заостанати долгови ќе им биде дозволено да плаќаат на рати, како што им се дозволува и на сите други должници. А слупчанци отсега ќе мора да си ги плаќаат сметките редовно.

Шаини за Сител вели дека им биле исполнети две од барањата.

-Тука има многу луѓе што имаат големи долгови, а што се социјални корисници. И барем на тие луѓе да им се овозможи да имаат малку флексибилитет, да ги платат на рати, а другите фактури коишто ќе дојдат натаму да ги плаќаат редовно како сите граѓани во Република Македонија. Едно клучно барање за кое се договоривме е секој кој ќе стави ново мерило, нов часовник, кога ќе прави нова куќа, мрежата ЕВН да ја доведе до таму, до кадешто има вграден план. Значи, ако јас правам нова куќа, ЕВН ќе ги донесе бандерите и тоа што треба, да ги донесат тие, а да не се плати за таа работа, вели Шаини.

Слупчане е селото каде ЕВН трпи најголеми загуби бидејќи само 20% од населението редовно ги плаќа сметките. Поради слупчанци и дивите приклучоци и околните липковски села во неколку наврати останаа без струја. Слупчанци не дозволуваа ЕВН да работи на дефектите, а последниот пат искршија и трафостаница.

ЕВН мораше да добие гаранција и од градоначалникот и од министерот за економија дека нивните екипи нема да бидат напаѓани и ќе можат да работат во селото.