Кривична пријава за попречување службени лица

Поранешната мисица Јулија Ѓорѓиевска заработи кривична пријава откако, според информациите од полицијата, во мај годинава се обидела да ја попречи акцијата за заловување и заплена на добиток што ја спроведувале надлежните служби во кривопаланечкиот регион.

Од СВР Куманово информирале дека е поднесена кривична пријава против 28-годишната Ј.Ѓ. од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“.

Инцидент на Калин Камен

Според полицискиот билтен, на 20 мај 2026 година, на место викано „Калин Камен“, во селото Кркља, кривопаланечко, пријавената упатила закани кон вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Потоа, како што стои во информацијата, со тврд предмет се обидела да ги спречи вработените при извршување службени дејствија.

На истиот ден Ѓорѓиевска била уапсена.

Поплаки од жители за добитокот

Ѓорѓиевска и нејзиното семејство се сопственици на крави од кривопаланечкиот регион, поради кои претходно имало повеќе поплаки од жители на неколку села.

Според обвинувањата на селаните, добитокот постојано се движел слободно и им предизвикувал штета на нивите.