Најмалку осум лица се повредени кога бомба погоди минибус што превезувал талибански владини службеници во Кабул, соопшти денеска локалната полиција.
Експлозијата била предизвикана од бомба поставена покрај пат. Возилото превезувало вработени од Министерството за рурална рехабилитација и развој, изјави за ДПА портпаролот на полицијата во Кабул, Калид Задран.
Засега никој нема преземено одговорност за нападот.
По враќањето на Талибанците на власт минатата година, смртоносните бомбашки напади, за кои неретко одговорноста ја презема Исламска држава, станаа честа појава. Тие најмногу се насочени кон верските малцинства и талибанските службеници.
Најмалку 53 студенти, пред сè млади жени, беа убиени, а повеќе од стотина други беа ранети во самоубиствен напад во образовен центар во населбата Шија-Хазара во Кабул пред малку повеќе од еден месец.