Пуштање во употреба на експресниот пат Прилеп-Градско и пругата кон Бугарија
Пуштањето на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско и пругата кон Бугарија на делницата од Куманово до Бељаковце, како и моменталните активности на автопатот Охрид-Кичево, беа дел од темите за кои зборуваше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во Вечерното шоу на Богдан Илиевски.
Николоски: Од Скопје до Париз нова линија со авиокомпанијата Изиџет
Пругата кон Бугарија
Во однос на изградбата на првата фаза од пругата кон Бугарија, министерот Николоски изјави дека работите се во крајна фаза и дека пругата со должина од 30 километри ќе биде пуштена во употреба во следиот период.
„Пругата е веќе при крај и за многу кратко време ќе биде пуштена во употреба, со што ќе имаме целосно функционална пруга од Скопје преку Куманово до Бељаковце. Успеавме да ги придвижиме работите заедно со директорот на ЈП Железници – инфраструктура и работиме на втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка, која има должина од 34 километри и очекувам да биде завршена до 2027 година. Потоа ќе остане третиот дел, кој ќе значи поврзување со Бугарија,“ истакна министерот.
Автопатот Охрид-Кичево
Во врска со автопатот Охрид-Кичево, министерот потсети дека пред почетокот на летната сезона годинава, ќе биде пуштен во употреба најголемиот дел од трасата, односно околу 40 километри. Автопатот целосно ќе биде завршен до крајот на 2026 година.
Експресниот пат Прилеп-Градско
Министерот Николоски информираше и за активностите околу изградбата на коридорот 10д, каде моментално се завршени работите на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско, на делницата од Градско до Дреново.
„Првата фаза е скоро готова и во наредните денови ќе следува пуштање во употреба. Втората фаза ќе биде завршена до март годинава,“ нагласи Николоски и додаде дека со изградбата на овој патен правец и автопатот Прилеп-Битола, регионот на Пелагонија ќе добие модерна и брза врска со остатокот од државата.